Еуростандард банка по втор пат

Почитувани читатели, можеби ви станувам досаден, повторувајќи го или ставајќи го акцентот на моите колумни врзано со стечајот на Еуростандард банка. Но, верувајте ми, моите мотиви не се само поврзани со мојата лична траума туку одат голем чекор понатаму. Случајот со стечајот на Еуростандард банка, е парадигматичен за целокупната слика за она што се случува во општетсвото, како функционира политичкиот институционален систем. Всушност, не станува збор за само моја лична засегантост, туку станува збор за предупредување дека заради ваквото, во голема мера корумпирано општество кое функционира не по примерот на организирана држава, туку по моделот на „темен вилает“, може секому да му се случи неправда од големи размери.

Денес минуваат цели 5 месеци од упокојувањето на Еуростандард банка, говорам за 5 месеци мој немир, немир на оштетените штедачи во Еуростандард банка, трагајќи по причините зошто овој чин мораше да се случи! Зошто?

Во минатите колумни, таксативно ги наведував сите услови и процедури кои беа прескокнати при носењето во стечај на Еуростандард банка. Накратко ќе ги повторам.

Банката се однесе во стечај во услови на пандемија Ковид-19, која донесе рецесија на севкупното светско стопанство, вклучително и во Македонија.

На само 4,5 месеци пред носењето на банката во стечај, ние акционерите внесовме нови свежи 11,0 милиони евра со цел покривање на загубите и стигнавме до адекватност на капиталот 6,55%. Овој процент на адекватност на капиталот е многу повисок од минимумот за носење на банка во стечај, согласно регулативите од Законот за банки според кој функционира Народна банка.

Во овие погоре споменати 4,5 месеци, имавме цели 97 дена вонредна состојба, заради што банката не можеше да врши присилна наплата на своите побарувања.

Знаејќи ја ситуацијата во банката и веќе не скриените намери дека Народна банка ќе ја ликвидира Еуростандард банка, од причини само за нив познати, трагавме и работевме и предложивме потенцијален инвеститор кој можеше да ја спаси банката.

Во целиов овој период од 4,5 месеци и покрај секојдневната комуникација со претставници од Народна банка се чувствуваше игнорантскиот однос  од гувернерката на Народна банка дека што и да понудевме таа немаше да го прифати. Чекаше предизвикано од пандемијата и вонредната ситуација по нивните весели математики да ја доведат банката на адекватност од капитал под со закон утврдено ниво и да покренат стечај. Таа не ја употреби алатката администрација, која ѝ беше секогаш на располагање. Кој стои зад нејзе? Кој стои зад личноста која ја однесе банката во стечај во услови кога немаме Собрание и немаме Влада. Госпоѓата Бежоска ниту од далеку нема храброст да преземе ваков акт без конкретна поддршка од партиите на власт и круговите блиски до неа и до партијата. За тоа дека госпоѓата Бежоска  била детерминирана по секоја цена Еуростандард банка да ја носи во стечај говори фактот дека решението за отварање стечај било напишано на 1 јуни 2020 година. По чиј налог го држела толку долго ова решение кое е финален резултат на една донесена одлука од луѓе со нечесни намери. Како е можно да се спрема таков чин во толку затворен и толку конспиративен круг што е реализиран во период од 15 минути како сцена во добро режиран акционен филм. Замислете, во денот на стечајот, за 15 минути се пломбира главната дирекција на банката и сите нејзини 340 експозитури, во рамки на кои беа  вклучени скоро илјада луѓе. Никој од банката да не биде информиран и со каква леснотија и цинизам не лажеа нас акционерите дека проблемот со банката ќе биде среден, бидејќи покажавме голема посветеност да се реши овој проблем. Говорам за цинизмот од структурите од Народна банка и но и за цинизмот од тогашната Техничка Влада на СДСМ.

Институциите на системот на мои големи инстистирања да разменат информации или пак ако сум осомничен за ова злодело да ме повикаат на распит, до ден денес ме одбегнуваат плашејќи се претпоставувам дека нема да можат со ништо да ме осудат, а уште помалку да ми помогнат.

Неколкупати барав прием кај Јавниот обвинител Јовески, но за жал човекот неможел да ме прими поради пандемијата Ковид-19.

Собранието на Република Македонија, кое е единствено надлежено за работата на Народна банка, преку Комисијата за финасирање и буџет само еднаш организираше распит и од тогаш замолче. Самиот распит во комисијата за мене повеќе претставуваше политички ринг, или своевидно променадно миење на образот, отколку вистински приод да се расчисти ова прашање.

Чувствувам како сите врати во системот да ми се затворени. Правдата, трагањето по правдата, актуелниот систем не ги дозволува.

Ова е причина повеќе да барам итна промена на властта, бидејќи истата е длабоко замешана во стечајот на Еуростандард банка и се додека е таа на власт вратите на правдата за мене ќе бидат затворени.

Бидејќи веќе ги исцрпувам сите мои процедурални обврски, пред надлежните институции на Република Северна Македонија ќе бидам принуден целиов овој случај да го изнесам пред Арбитражниот стопански суд во Парис, за барање правда и оштета.

Доаѓаат избори, многу веројатно и предвремени парламентарни, а и редовните локални. Ве убедувам почитувани дека на следните избори нема да бидам само гласач, ќе бидам активен и на политичката сцена. Нема да ветувам нешто што не можам да го реализирам, ќе ветам чесност, посветеност, и до крај ќе се борам против злото наречено организиран криминал.

Почитувани, за Еуростандард Банка ќе пишувам се додека дишам или додека не се реши овој случај.

 

Back to top button
Close