Конфликт на мемории

Во актуелниот македонско-бугарски „спор“ во врска со перидот 1941-1944 година, Народноослободителната борба против германската и бугарската наци-фашистичка окупација и, следствено, денешното сеќавање/толкување на тие настани, на сцена е класичен таканаречен „конфликт на мемории“ – нешто прилично слично со настаните во САД и Велика Британија и движењето „Black Lives Matter“, со што и ја започнав оваа серија текстови. Но, велам само прилично, зашто освен потенцијалната сличност во различното толкување на сеќавањата за спомнатиот период – и не само за него – помеѓу нас и соседите, многу нешта се, се разбира, различни, особено во поглед на димензиите и времетраењето на случувањата и др. Но, и тие (условно) мали сличности се во принцип доволни за некакви можни споредби. А нив ги има, секако, дури и премногу. И ќе ги има уште повеќе, иако нашиве „аналитичари“ мислеа дека приказната е всушност завршена па се свртеа кон Капитол, небаре државата им зависи од тоа. Но, секогаш е полесно да ги „толкуваш“ другите, нели? Но нашава приказна изгледа допрва почнува!
Како и да е’, нерасчистените или недоволно расчистените „сметки“ со минатото, особено со периодот на ропството и Граѓанската војна, коишто неодамна во САД се враќаа(т) како историски бумеранг, говорат за тлеењето (и) на таа конфликтна меморија сврзана со основното човеково право – правото на слобода. Ништо поразлично во базичните причини не беше ниту уривањето на споменикот на Едвард Колстон – трговец со робови – во Бристол (ВБ), како и фактот дека на удар во САД се наоѓаа дури и споменици на Кристифор Колумбо, Теодор Рузвелт и други, а во Лондон дури и споменикот на Черчил. И на неговиот споменик, од тогаш па за секогаш, дури и кога ќе биде избришана, ќе стои квалификацијата: „расист“! Сето тоа е резултат на едно поинакво историско сеќавање на засегнатите луѓе со потемна боја на кожата и нивното толкување на улогата (не само) на посочениве историски личности во едниот од најгнасните, најнецивилизираните периоди во човековата историја – периодот на ропството и трговијата со живи луѓе!
Сличен суштински проблем – проблем можеби не на ропството во буквалната смисла на зборот но секако на поробувањето, или современо нарекувано окупација – е вгнезден и во македонската меморија за спомнатиот период 1941-1944 година. Што пак не е случај со источниот сосед, чијашто меморија рапидно „еволуира“ од 1945 година до денес: од целосно признавање на општоприфатените историски вистини за тој период, до апсолутно негирање односно преквалификување во некакво „администрирање“, дури и – ослободување! Што е невиден безобразлук, by the way, и историска измама. Меѓутоа, ако на нештата, па нека се и историски, им пристапите без предрасуди, чисто хуманистички и со отворена свест, тешко да најдете сериозни аргументи за многу нешта против коишто се крена движењето „Black Lives Matter“, па дури и за „мисијата“ на еден Колумбо. Откривање на Новиот свет? Ма дајте, ве молам, ќе беше така ако „мисијата“ не беше проследена со чист геноцид (и културцид) на тамошните народи и екстензивно освојување територии проследено со невидено пљачкосување. Што, тогаш, има благородно, прогресивно, хумано… во таа и таква „мисија“?! Како што впрочем нема ама баш ништо благородно, прогресивно, или не дај боже хумано во чинот на организираниот лов на црниот човек ширум африканскиот континент, товарањето на „уловот“ на бородови и транспортирањето и препродажбата на овие луѓе како робови ширум Европа и Америка. И како што нема ништо ослободувачко, уште помалку заедничко историско, во фактот дека војските на источниот сосед во даден период ја окупирале територијата на сегашна Македонија и спроведувале невиден терор врз населението!
Следствено: ако меморијалните споменици и спомен обележја во Македонија ја раскажуваат нашата приказна за тоа време во форма и на начин како што и денес сметаме дека е валиден/соодветен, тогаш зошто нашата меморија – а спомнатите споменици и спомен обележја се токму тоа! – би требала да се потчини на меморијата на (условно) посилниот, како што тоа се случувало токму и во наведениот период 1941-1944 година? И дали и денес источниот сосед ќе продолжи да тропка со силата на „оружјето“ – се разбира не буквално, но членството во ЕУ во денешни услови итекако е силно оружје! Барем во однос на една Македонија. Или, ако баш инсистираат на конфликт, зошто не го побараат во еднакво силните Чешка и Словачка, кои де факто единствени застанаа на страната на Македонија во овој квазиисториски „спор“, па таму нека си ги мерат силите?
Оттука, а во светлината на нашата искажана идна подготвеност дури и да се зафатиме со онаква сложена и историски неоправдана операција на цензурирање на некогашните табли на спомениците и спомен обележјата од периодот на НОБ, ние (можеби) ќе затвориме еден фронт – оној со спомениците – но ќе отвориме друг – со нашата колективна меморија! Но ни тоа нема да биде крај зашто, како што гледаме, „посилниот“ ќе отвора нови и нови фронтови за задоволување на своите вековни опсесивно агресивни аспирации.
Златко Теодосиевски






