Лисабон

 

 

Пишува: Ѓорѓи Мисајловски

 Лисабон име кое погрешно го изговараме, како што впрочем  и погрешно го толкуваме председавањето со ЕУ, а посебно тоталното непознавање на историјата на Иберискиот полуостров (ривалитетот помеѓу Мадрид и Лисабон што требаше да му биде познато и на МНР, Османи, кога од нему само познати причини, слета во Мадрид наместо во Лисабон), ненајдено во завршницата на ротирачкиот мандат, со ткн. Португалски  предлог и изјавата на државна секретарака за ЕУ, внесе нов драматуршки заплет, кој секој го толкува како му одговара. Со ништо не предизвикана, од Португалија, држава, која не по своја волја,  ни пристигнуваат, за  нашава држава  лоши абери или фермани .Така беше во далечната 1992 со срамната Лисабонска декларација, која секако не е португалски home made , ама беше лансирана од тогашниот председавач со ЕУ, Португалија. И вториот ферман од Лисабон ткн. Договор од Лисабон, познат и како “реформски договор” кој имаше за цел  “да се заврши процесот со Договорот од Амстердам (1997) и со Договорот од Ница (2001) сo цел подобрување на ефикасноста и демократскиот легитимитет на ЕУ и подобрување на доследноста на нејзиното дејствување”, на тогаш РМ, а сега СРМ, не и донесе ништо добро, посебно во подобрувањето на нејзината ефикасност. Се разбира нашата дипломатија, па и владата Лисабонскиот договор не го проучи темелно, како ниту предлогот на Макрон за ефиканоста во процесот на приемот на новите членки во ЕУ. Веројатно во потсетникот на премиерот Заев, за време на вечерата со претседателот Макрон, не се предвидуваше да го иритираме домаќинот со такви осетливи прашања. Главната поента беше во сервилното барање за дата за преговори и покрај бугарското вето. Нашол црква пред која да се моли.

Лисабонските фермани, посебно оној од 1992 и најактуелниот од устата на португалската државна секретарка за европските прашања ( кај нас таа функција согласно рејтингот на нашата дипломатија има помпезен назив – вице премиер за европски интеграции) во предвечерието на предавањето на председателската палка на државата од сончевата страна на Алпите, а посебно пред добро организираниот форум Преспа, не е автентично дело на португалската дипломатија. Таа изјава само го откри што нашава влада го крие, а тоа е фамозниот Португалски предлог, како добра основа за компромис, израз во овој случај погрешен, ама актуелен, за излез од блокадата на Софија во процесот на интеграција на СРМ во ЕУ. Ана Паула само ни ги отвори очите и дискретно ни кажа и што може да се очекува од наредната држава председавач со ЕУ (изјавата на словеначкиот премер Ј. Јанша тоа го потврди). Впрочем Португалија од 1992 до пред некој ден  председаваше со ЕУ четири пати. Да имаше билатерален сензибилитет спрема нашата држава , имаше добра шанса тоа да го покаже во претходнитепредседавања со ЕУ. Цел на секој председавач со ЕУ е да ја задржи доследноста на Унијата во афирмација на  глобалната слика, при што индивидуалните (државни) “истрчувања” се само дел од нивниот  ПР пристап, кој брзо се преточува  во заедничкиот  став на Унијата.

Ние традиционално бавно  дипломатски реагираме. Во 1992 уште непризнаена држава од ниту една држава на ЕУ, немавме шанси дипломатски да парираме. Всушност немавме дипломатија, како што ја немаме и денес, после 30 години. Посебна конфузија кај народот предизвикуват колумните на нашиот прв МНР, Д. Малески, кој е дел и од стратегискиот совет, а неговиот нејасен до крај став, е дел од неговата терапија за лична фрустрација. Тој не само што во 1992 бил нов во политиката, како самиот тврди, туку беше и почетник во дипломатијата, што секако не го споменува. Ништо ново. И на двајцата наши МНР водењето на дипломатијата им беше прво вработување, како впрочем и на некои наши  поранешни премиери.

Но, тоа е историја. Назад во реалноста. А таа е следна , овој пат поради горештините во неколку точки. Погрешна е нашата теза (Димитров, јуниор) дека ние сме им потребни на ЕУ. ЕУ последен пат се покаја со приемот на Романија и Бугарија.  Опасноста да не подпаднат по  влијание на Русија, пресуди. Последиците и сега се познати. Погрешна е перцепцијата дека ние имаме  некакво геостратешко значение.

Да се спие на таа карта е ризично. Поранешна југословенака дипломатија се занесуваше дека е лидер на ткн. “трет свет”. Потроши енергија и пари, а не доби ништо. УНИДО наместо да се лоцира во Белград, израсна на Дунавското острово во Виена.

Плачењето за датумот на нашиве  влади е само адут да се остане на власта. И да добиеме дата ништо кај нас нема да се промени. Владите секако ќе се менуваат, но заблудите не. И сегашната опозиција спас гледа оваа влада да не добие дата за преговори, како крунски доказ дека не ја бива. Дали ја бива или не покажуваат домицилните резултати кои се мерливи.

Не е битно кој ќе ги започне преговорите, како што не беше  значајно при која влада НАТО ќе не прибере со своите милитантни пазуви. Глаголот “испорачува” треба да го исфрлиме од дипломатскиот речник. Ние не испорачуваме, а бараме ЕУ да испорача дата, небаре се “Амазон”.

Не само што не испорачуваме, туку и неретко и се посрамуваме. Ние географски припаѓаме на Европа, но цивилизациски сме далеко. Без функционални институции нема напредок. Не е круцијално дали некоја следна влада ќе го поништи договорот од Преспа.

За тоа требаше порано да се мисли. Договорот со Бугарија е потпишан со мотивација новата влада веднаш да покаже дека ја бидувало и на меѓународен план, притоа заборавaјќи дека еден билатерален спор често станува и мултилатерален.

Тоа ни се  случи и со Атина и со Софија. Никој не гарантира дека нешто слично не е можно и од страна на некоја трета држава. Тоа зависи од нас.

Ние сме лесен плен поради неединството во толкувањето на националната стратегија. На тој план ние (Македонците) многу малку правиме. Идентитетот  и јазикот на кој толку инсистираме се доградуваат и афирмираат. На тој план ние сме стерилни и неинвентивни. Никаков аргумент не е што сме мала земја.

И од соседните држави можеме таа лекција да ја научевме, а балтичките држави  најдобро ги демантираа заблудите околу идентитетот и јазикот.

Не е проблемот во нашата перцепција дека Европа не не сака. Самите не се почитуваме. Безпотребно  на политичките кладилници трошиме пари и време, предвидувајќи  во која држава ќе се смени владаечката гарнитура, небаре од тоа зависи и нивната поддршка кон нашите европски интергации.

Терминот брат, братски треба да се исфли. Внимателно треба да го користиме терминот пријател, бидејки нашите политички дејци имаат обичај  личноста која еднаш ја сретнале да ја ословуват со мојот пријател, а односите со нпр. Португалија да ги прогласат за традиционално  пријателски.

Доаѓање на власт не е градење на идентитетот на нацијата, туку градење на хасиенди и продолжување на несогледивиот концепт на првобитната акумулација на капиталот. Кајмакот е одавна собран, па народот нема голем избор во конзумирањето на   нузпродуктите на млекото. Погрешно го толкуваме и стратешкото партнерство со САД.

Тоа не е ниту партнерско ниту обострано стратешко. Но убаво звучи на двата јазици. Американците имаат свои мотиви за присуството на Балканот. Не се осамени. Британците, после брегзит им се на услуга. САД одавна сметаат дека ЕУ не може да го разреши балканскиот јазол. Сенката на Русија и Кина се наведнува   кон  Балканот.

Затоа се тука и на меѓународниот форум во Охрид во која прилика како добри домаќини ги угостивме со охридска пастрмка и преспанска белвица, а неизостанаа и фотките  во вилата  во која сеуште не испарила  препознатливата арома  на реалниот социјализам.

Вакви настани ги дочекуваме традиционално неподготвени и не знаеме да поентираме со нови аргументи. Старите веќе се прочитани. ЕУ ја застапуваше  стариот пријател Ј. Хан,актуелен  комесар за буџет и администрација што најдобро   го ретушира ставот на Брисел по прашањето на проширувањето на ЕУ.

Форумот беше прилика и нашиот иден амбасадор при Мисијата во Њујорк да ја сретне Ф. Могерини, поради нејзината сегашната висока функција во ОН. Ама кој сега мисли на кибритот на Ист Ривер. Тоа е наш дипломатски ракопис.

 

Следиот пат Португалија ќе председава со ЕУ после 2030 година. Не е извесно  ЕУ која влада ќе  ја обрадува со давање на дата за преговори. Не чека иста судбина како на Србија и  Монтенегро кои десет години не можат да мрднат со поглавјата, а може и по правилата на Макрон и да ги пофторуваат. Затоа невакцинирани народе останете дома, бидејки ПЦР тестот е скап а државата не субвенционира и покрај тоа што поголем број од вакцини ги доби како подарок и чекајте како  итерпеовски ќе ги надмудриме Бугарите потпишувајќи братски компромис, за прашањата кои не се решаваат со никаков компромис. Нашето раководство може на раат да оди на одмор после прославата на 2 август, до кога ќе бидат познати и резултатите од парламентарните избори во Бугарија. Можеби пријателот на нашиов премиер ќе остане во седлото, што аналитичарите на премиерот секако ќе го долкуваат како подотворање врата за

 

 

подигнување на ветото. Пак погрешен концепт. Премиерот верува  дека е на пат и на вториот триумф.

 

“Кога патникот намерник се качува по главната улица во Лисабон која се нарекува Шијада, излегува на плоштадот каде стои споменикот на најголемиот португалски, и не само, песник Камуињш, Гал по потекло, кога Шпанците го присвојиле како свој, бидејќи пишувал на шпански. Португалците одговараат дека Шпанците го добиле од Португалија пак најголемиот сликар на светот Веласкез” Не почитувани читачи не сум во Лисабон, туку на Евија. Ова се зборови на мојот дипломатски и книжевен гуру М. Црњански. Ова е и препорака  непостоечката  библиотека во МНР да се зголеми и со познатите дела на дипломатот Црњански.

 

 

04.07.21

 

 

 

Back to top button
Close