Поткршената керамичка вазна

Во едно врело летно утро, по “ладо “ како што велеше мајка ми, ги поткастрував гранчињата на самоникнатата зелена ограда со фасцинантни портоколави цветови.Ги собрав паднатите гранчиња и листови и седнав да се одморам.Седејќи така,забележав дека сум оставила еден од цветовите кој паднал на плочките од терасата.Го кренав и го ставив во една темно кафена керамична вазна со преубава конусна форма изработена од сестра ми Кица.Вазната ја ставив на масата која беше осветлена од косите источни сончеви зраци кои правеа издолжени сенки.Се загледав во вазната на која се забележуваа трагите на залепените скршени делови.Одеднаш ме опфати некое измешано чувство на радост и тага, пропратено со слики на драги ликови и весел жагор на деца а целиот аер се исполни со минати времиња на скопските жешки лета…Ми се пристори дека овие слики и мириси излегуваат од скршената керамична вазна, налик на волшебната аладинова лампа.Од неа како да излегуваа духови кои говореа и прикажуваа… како живи слики на таинствени духови наспроти минливото време. Колку мили слики и “духови” биле затворени во поткршената керамична вазна! Во обид да ја овековечам оваа невидлива “слика” за мигновената состојба, ја фотграфирав вазната и ја споделив на фејзбук.Но,во друг медиум и во друг простор,фотографијата си тргна по свој пат отварајќи нови визури кон предметот -поткршената керамична вазна. Два коментари на фотографијата, претставуваа повод да го напишам овој текст во малку поширок контекст.Првиот коментар е на познатата ликовна уметница Ивана Настески, која напиша: ”Јапонците никогаш, не фрлаат поткршени керамички садови ами ги лепат со злато.Таа техника, се вика кинтсуги и е родена во 16тиот век. Јапонската философија вели, наместо да се фрли нештото, може да се поправи и да биде уште посјајно и тоа во злато. Нека е и напукнато”.
Кинтсуги или кинцуги, е стара јапонска вештина која се применува при поправка на скршена или оштетена керамика.Познатиот реставратор Хироки Кијокава, повеќе од четири децении ја користи оваа техника “продолжувајќи им го животот” на керамичките предмети. Скршените парчиња керамика, прво ги спојува со лак а потоа пукнатините ги украсува со златен прав. Реставрираната керамика украсена со златни линии, поседува посебна естетика во реставраторскиот пристап, базиран на животната филозофија за прифаќање на сите наши падови, кршења и оштетувања.Според реставраторот Кијокава,токму нашите несовршености можат да означуваат раѓање на нешто ново.
Вториот коментар го напиша мојата сестра Кица Колбе,позната философина и писателка: ”…За тие што не знаат дека еден период правев и керамика, треба да истакнам дека оваа вазна не е создадена на грнчарско колце, туку глината во целост ја моделирав со раце. Што не е едноставно, пред се‘, заради конусниот облик. Затоа постојано укажувам дека треба да се преоткријат старите занаети во Македонија токму од уметниците. За таа цел би било добро на ликовната академија во Скопје да се отвори класа за керамика, за ткаење или за филигран. Баухаус ги издигна и применетите уметности на исто ниво со класичните академски дисциплини. Треба да учиме од уметниците на Баухаус”!
Во коментарот на Кица е содржан авторскиот пристап поврзан со објаснување на процесот на создаваење, но и потребата за преоткривање на старите занаети,како продолжување и чување на традицијата.Споредбата со Баухаус е сосема соодветна као и коментарот на Ивана, кој се надоврзува на начинот на реставрирање на керамиката. Овие два драгоцени коментари на извесен начин во сублимирана форма не’ водат кон теориските аспекти на заштитата на спомениците на културата.
Во процесот на создавање,на секое дело му претходи идеја пред да биде преточено во материјал со конкретна форма и функција.Времетраењето на делото минува низ нашите животи, нашиоот однос го одуховува, а употребата ги прави сите лузни од падови, кршења и преправки… Тој дух како патина го покрива секое дело како градба,како форма и материјал. Попримајки дух предметите говорат.Преку духот ги познаваме, правиме зедништво со нив,се зближуваме.Затоа ги чуваме и ги негуваме, ги лепиме, крпиме, ги поправаме, ги варосуваме…Поправајќи го материјалното всушност го чуваме духовното, го чуваме духот кој ни говори.Затоа што нема празна форма,нема само материјал. Каменот не е само камен кога ќе добие форма и функција,кога ќе се вгради во мост, куќа,тврдина или црква.Кога од него ќе се направи скулптура.Дрвото не е обично дрво кога од него ќе се направи врата, маса или резба.Или кога на него ќе се наслика ликот на Ангелот! А глината, не е повеќе безлична грутка земја кога ќе помине низ вештите раце на грнчарот и ќе стане бардак,стомна или вазна.Но кога се употрбува, служи, се менува, добива патина – историја.Затоа велиме дека предметите говорат.Затоа што во нив е вградена вековна духовност на генерации на креатори, мудри филозофи и богослови.
Кога ќе помислиме колкава духовност е содржана на живописот во Курбиново таков како што е денес оштетен, патиниран а колку повеке кога би бил сочуван целосно! Курбиново не може да се претстави со неговата скромна градба ниту со opus cloissone, не може да се заштити со промена на кровот и металните затеги. За нас од највисоко значење е оригиналот, секое камче, секој сантиметар живопис и оригиналниот градежен систем како чувар на живописот. Друг неоригинален, односно современ градежен систем нема да го чува живописот. А, колку вековна духовност е вградена во ликовновста и иконографијата на живописот,во претставата Мелизмос, Вознесението Христово, Постар од Денот, архагелот Гаврил, Богородица Никопеа…Можеме ли да го реставрираме Курбиново ако не ја гледаме неговата духовност и не се препознаеме во него?
Затоа се битни оригиналите.Затоа што секое дело е оригинал во материјал, форма и естетика.Не случајно музеите се полни со оригинални дела.Дури и фалсификаторите и копистите се трудат максимално да го доловат оригиналот во материјал и техника.А како постапуваат нашите реставратори со оригиналите? Како се реставрираат и дали воопшто се реставрираат историските урбани целини?Каква е ситуацијата на терен? Грда слика на простори исполнети со лоши копии изработени од реставраатори кои се под нивото на фалсификаторите,трговците со уметнички дела!Погледнете го само старото градско јадро на Охрид и ќе забележите дека старите оригинални примероци се заменети со лоши копии.Тоа не е ниту реконструкција ниту реставрација,затоа што не е сочуван ниту оригиналниот материјал ниту техниката.Формата само навидум наликува на некогашниот чудесен, восхитувачки оригинал!Наместо заштита и реставрација, со децении се уништуваат оргиналите и се прават сурогати кои очекуваме да ги заштитува УНЕСКО! Ниту трага од принципите на теоријата на реставрација на Бранди,ниту на утврдените стандарди во меѓународните конвенци!Ситуацијата е таква со децении на целата територија и тоа го забележуваме сите. Не треба да си воопшто упатен во дејноста, доволно е само да отидеш кај некој од соседите и да ја забележиш разликата во односот и во третманот.И повторно да си го поставиш истото прашање::на што се должи ваквата состојба?На немање пари или немање однос кон потврдените вредности? Секој ќе ви каже дека не е до парите, туку до односот.А односот се формира,се гради со образованието, преку знаење и етика. А тука сме најслаби.Затоа ги рушиме оригиналите и правиме лоши копии. Ниту еден професионалец не би помислил да го уништи оригиналот,туку би се потрудил да го заштити и реставратира на начин налик на јапонската и италијанската теорија на заштита, која е фундирана на филозофија.Би било претенциозно од мал народ како нашиот да очекуваме да изнедри филозофски фундирана теорија на заштита. Но,исто така е неприфатлива и прозаична, леснотијата на уништувањето на оригинали и нарушување / губење на слоевитоста на културната стратиграфија која не’ одредува како народ и нација.
Трајно изгубивме многу вредности, многу оригинали кои не можат да се надокнадат и самиот тој факт треба да претставува аларм за менување на нашиот однос кон наследството на сопствените претци.Мора да се отпочне процес на воспоставување своевидна теорија на реставрација на културното наследство на регионално ниво,затоа што примерот на Чезаре Бранди е неповторлив.Неговата теорија и посветеност на реставрацијата на културното наследство на Италија,може да не’води на патот кон повторно воспоставување на реставрацијата…”реставрацијата претставува метоолошки мпмент во кој уметничкото дело се препознава во својата физичка конзистентност,во својот двоен естетски и историски поларитет, имајќи го во предвид неговото пренесување во инината.”(Бранди, 2007,37)
Донка Барџиева Трајковска






