Резолуција, подметнување или не

                        

  м-р Глигор Стоименов

Се надвисна почитувани над нас деновиве едно прашање, некако изнасилено имам впечаток, околу тоа дали треба нашиот парламент да усвои некаква “Резолуција“ за црвените линии до каде што можеме да одиме во преговорите со Република Бугарија.  Дали е ова прифатливо, треба ли да се разговара опширно околу овие прашања или ова е само еден обид за “подметнување“ и компликување на сегашната ситуација, сепак вреди да празговараме нешто околу тоа.

Страната која го дава овој предлог, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ќе се сложат многумина дека нема голем кредибилитет да дава предлози и да нуди решенија за решавање на спорови, особено не во едни вакви околности, затоа што во изминатиов период на нашата независност ниту еднаш, ама буквално ниту еднаш не се вградија во решавање на некој проблем, ниту еднаш не дадоа некаков сериозен придонес во решавање на било кое важно прашање за нашата земја, напротив, само создаваа и стимулираа проблеми кои потоа некој друг мораше да ги решава, а тие останаа “патриоти“. Токму затоа мислам дека овој предлог за носење на било каква “Резолуција“, е само едно подметнување и обид да се пролонгира на подолг рок решавањето на овој бесмислен спор со Република Бугарија и ништо друго.

Дали ќе успеат во тоа?

Овој предлог не е искрен предлог, ова е обид за компликување и ослабување на нашите преговарачки позиции се со цел да не дојде до никакво решение во блиска иднина. Тоа е вистинскиот мотив, не е мотивот некаков голем патриотизам и државничко чувство. Таква е политичката проценка кај опозицијата со овој предлог кој го ставаат на маса.

По кратко размислување и некои дилеми кои постоеја кај парламентарното мнозинство, кај владата, кај СДСМ како најголема владеачка партија, сепак се донесе одлука да се прифати оваа дебата околу предложената резолуција, иако сега многумина се прашуваат зошто? Се прифати од две основни причини. Како прво да се покаже пред македонската јавност дека оваа дебата во основа ќе биде бесмислена и не значи ништо затоа што никој до сега не преговарал и нема да преговара за македонскиот јазик и македонскиот идентитет, тоа беше нашиот досегашен пристап, тоа се нашите црвени линии, односно овие прашање и овие тези треба да ги слушнат граѓаните низ една добра аргументација во Собранието за да видат дека никој до сега не преговарал за нашиот идентитет, а како второ да не се дозволи на еден куп луѓе таму, инаку поранешни “бугараши“ со тапија, да ги лечат своите фрустрации со голем “македонски патриотизам“ врз сите нас, да го ставаат тоа на маса и да не малтретираат пред изборите со предавници и патриоти, тој филм сигурно нема да го гледаат, ете затоа се прифати оваа дебата. Тие се сега затечени некако со оваа одлука да се прифати Резолуцијата од страна на владеачкото мнозинство и ќе се обидат во наредните денови низ процедурални и институционални  замки околу уставното име да успеат да ја спречат оваа дебата и да обвинат повторно за некакви предавства, веќе видени финти, ништо ново. Едноставно да се направи проблем по било која цена.

Но сепак на сите треба да им биде јасно дека  усвојување на “Резолуција“ со некакви “црвени линии“ ќе биде само обременување и компликување на нашите преговарачки позиции со Република Бугарија кои се сега на едно доста завидно ниво.

 

Како се решаваат вакви спорови?

 

Со Резолуции сигурно НЕ. Со повлекување од договорите уште повеќе НЕ. Во овој спор со Република Бугарија нашата позиција во меѓународни рамки е многу посилна и многу постабилна. До сега играме на дипломатски план одлично во овој спор. Настапуваме со силата на аргументите како послаба страна, придобивме многу пријатели и тоа е единствениот начин на кој треба да продолжиме. По кој знае кој пат како и за време на преговорите со Република Грција треба да им кажеме на многу луѓе кои не разбираат многу дипломатија дека едноставно не може да си ги “мериме“ ниту со Грција, ниту со Бугарија, едноставно поголеми се, посилни се на меѓународен план и секој обид да направиме или да донесеме некоја одлука слична на нивните одлуки за нас тоа ќе биде погрешно, впрочем тоа се виде во спорот со Република Грција, што направивме со антиката, едно големо НИШТО, само се закопавме уште повеќе. На бесмислениот национализам и резолуциите кои ги усвојува Бугарската страна не може да им одговорите со “македонски национализам“ и резолуции, ќе загубите, тие се внатре вие сте надвор. Секогаш можат како посилна страна, како страна членка на ЕУ која е заштитена од внатре да Ви наметнат некоја тема во врска со “Резолуцијата“ која би ја усвоиле евентуално, тема која ќе биде всушност замена на тези, околу тоа дека еве ние не сакаме решение, дека играме оштро на национален план спрема Бугарија, не сакаме да ги почитуваме вредностите на ЕУ, бла, бла, слични тези и одете сега одбранете се. Во тој случај вниманието ќе се сврти кон нас од страна на нашите сојузници, па ќе бараат да попуштиме сега ние, ќе бараат компромиси и се така како што следи понатаму, дали ни треба ова. Не, не ни треба. Она што ни треба е да продолжиме кај што застанавме до сега со уште поголем напор и добра волја. Треба да продолжиме да ја користиме оваа наша силна меѓународна позиција која ја стекнавме со една мудра политика и дипломатија во убедување на нашите сојузници и членки на ЕУ во бесмисленоста на бугарските барања и ставови спрема нас, во бесмисленоста на ставање на историските билатерални прашања и факти како услов за отпочнување на преговорите, едноставно на добар пат сме да ја обесмислиме цела оваа стратегија на блокирање на нашата земја за отпочнување на преговори, секако со помош и разбирање од страна на нашите сојузници и пријатели. Во таков случај компромисот што ќе го направиме со Бугарија ќе биде многу помал и полесен за нас затоа што и тие ќе бидат изложени на еден огромен меѓународен притисок кој нема да може на долг рок да го издржат, односно нема да им биде исплатливо на долг рок да го прават сето ова. Сето ова со една паметна и мудра политика убеден сум дека можеме да го направиме. Токму затоа мислам дека воопшто не ни треба Резолуции, тоа се само обични партиски “јуначења“ и ништо повеќе.

 

Како да се поставиме во однос на Резолуцијата?

 

Во дебатата по однос на ова прашање што евентуално би се водела во Собранието фокусот треба да биде ставен кон тоа да се маргинализира и обесмисли секој обид што води кон тоа некој да биде прикажан како предавник а друг како патриот, да се обесмисли и направи беспредметна самата потреба од Резолуции и црвени линии околу тоа кои сме и на кој јазик зборуваме, прашања кои сами по себе претставуваат едно партиско подметнување за одредени политички цели,  за сметка на тоа да се потенцира опстојувањето на нашата цврста определба дека нема да преговараме за македонскиот идентитет и македонскиот јазик, тоа е нешто што треба да го слушнат граѓаните, тоа се црвените линии ама ние истите и до сега ги браневме, тоа само ќе се потврди. Инаку како што може да се види и наслушне од самата резолуција која не сме ја виделе во целост, таму нема ништо спорно што до сега не сме го правеле. Да преговараме на еднаква основа со Бугарија согласно меѓународните правни правила тоа и сега го правиме, но видете никогаш во основа не преговарате рамноправно кога сте нерамноправна страна, односно во “подредена“ улога, така било секогаш во меѓународната политика, таму владее законот на силата, затоа и не блокираат инаку не би го правеле тоа. Не постојат “симетрични“ и “несиметрични“ договори, постојат само еднакво незадоволни и повеќе или помалку задоволни договорни страни. Што се однесува до признавањето на просторниот и временскиот континуитет на македонскиот јазик, околу ова прашање можеме да се согласиме со другата страна само на она што е факт, тоа е кодификацијата на нашиот јазик во 1945 година, секако ќе продолжиме да го браниме нашиот јазичен континуитет и пред 1945 година. Тоа се ориентационите точки по кои би требало да се движи оваа “изнудена“ дебата, но до колку во Резолуцијата се појават некои нови предлози со некои нови “црвени линии“ со изразен партиски “патриотизам“ истите не треба да бидат прифатени.

На крајот знаете, сепак се се сведува на тоа дека ова е една политичка  “игранка“од страна на “патриотите“, дека не можете да очекувате искрени и чесни предлози од некој кој не е ниту чесен ниту искрен, од некој кој не решил ниту еден проблем ама создал многу, сигурен сум во тоа, ќе го видите тоа на дело а ќе се уверат и граѓаните.

Back to top button
Close