Во САД решено мистериозно убиство од пред 52 години благодарение на отпушок од цигара

Отпушок од цигара пронајден во близина на телото на убиената учителка во нејзиниот стан пред речиси 52 години и помогна на полицијата да го идентификува човекот за кој веруваат дека ја убил. Рита Куран била пронајдена мртва во јули 1971 година во нејзиниот дом во Бурлингтон, Вермонт.

Случајот остана нерешен, но ДНК доказите собрани од отпушок од цигара на местото на настанот и овозможиле на полицијата да заклучи дека соседот Вилијам ДеРос ја задавил наставничката. Осомничениот, кој тогаш имал 31 година, по расправија со сопругата излегол од станот да се „олади“. Откако се вратил, ја замолил сопругата да не го прашува што правел надвор.

Во 2019 година, полицискиот поручник Џејмс Триб почнал да работи на случајот како штотуку да се случил со тим од полицајци и техничари. Откриениот отпушок во близина на телото бил клучен доказ. Отпушокот и другите докази биле испратени на ДНК анализа уште во 2014 година. Составен е ДНК-профил на лицето кое ја испушило цигарата, но не одговарало на ниту еден примерок во базите на податоци на ДНК, пишува „Скај њуз“.

Детективите кои го презеле случајот во 2019 година склучиле договор со компанија за тестирање на ДНК, а примероците биле споредени со генетски материјал доставен од членовите на јавноста до комерцијални компании за тестирање на ДНК. Во август 2022 година, на детективите им било кажано дека примерокот покажал дека станува збор за ДеРос.

Полицијата тогаш утврдила дека осомничениот и неговата сопруга Мишел живееле еден спрат над жртвата. Тие веднаш по пронаоѓањето на телото биле сослушани, но потоа изјавиле дека не виделе, ниту слушнале ништо сомнително. ДеРос и неговата сопруга, која повеќе не го користи тоа презиме, го напуштиле Вермонт набргу по убиството.

Нивниот брак завршил откако ДеРос заминал во Тајланд. Меѓутоа, подоцна се вратил во САД и повторно се оженил. Полицијата потврди дека тој починал од предозирање во Сан Франциско во 1986 година. Поранешната сопруга на ДеРос во неодамнешното интервју со инспекторите признала дека лажела дека нејзиниот сопруг не го напуштил нивниот стан таа вечер.

Таа признала дека нејзиниот сопруг често имал ненадејни изливи на насилство. „Сите сме убедени дека Вилијам ДеРос е одговорен за тешкото убиство на Рита Куран. Бидејќи тој почина во хотелската соба од предозирање, нема да одговара за своите постапки, но овој случај ќе биде затворен“, рече поручникот Триб.

Родителите на жртвата умреле не знаејќи кој ја убил нивната ќерка, но братот и сестрата на жртвата присуствувале на конференција одржана во полицискиот штаб во Бурлингтон. „Не размислувам толку за момчето што го направи ова колку што мислам на Рита, моите родители и низ што поминаа. Се молам за Рита и моите родители”, рекол братот на жртвата.

извор

Back to top button
Close