Ќе се избегне ли страшна војна на Блискиот Исток?

Денко Малески

Годината е 1897. Америка се подготвува за својата прва војна. Настаните на Куба, шпанска колонија во која почнуваат немири, го загрозуваат имотот на Американци на островот.

Американскиот амбасадор во Мадрид јавува дека Шпанија е спремна да ги прифати сите услови на Вашингтон и дека шпанскиотнарод сака мир со Америка. Но, во Америка расте воената психоза, а печатот игра значајна улога во распалувањето на воените страсти. Новинарскиот магнат Херст му пишува на еден пријател во Куба:„Ти обезбеди ми слики, а јас ке ти обезбедам војна“. Американските политичари на чело со претседателот Мекинли се растргнати помеѓу можноста проблемот да се реши со преговори и желбата да удрат по непријателот кој, и онака, беше на крајот од своите сили. Сенаторот Лоџ го потсетува претседателот дека изборите во 1897 нема да бидат најсјајни за неговата партија доколку „нермирите во Куба продолжат да се влечкаат и во текот на летото без ние да превземеме нешто“. Експлозијата на американскиот воен брод „Мејн“ укотвен во пристаништето на Хавана е наречен „акт на валкано издајство“, а воената хистерија веќе не може да се сопре. На секој чекор се слушаат зборовите „Remember the Main“. Шпанците прават очајнички напори да ја избегнат војната. Се колнат дека потопувањето на американскиот воен брод не е нивно дело. Залудно. Американскиот претседател бара од конгресот 500,000,000 долари за воени подготовки. Мекинли бара од претставничкото тело војна „во името на хуманоста, во името на цивилизацијата, во одбрана на загрозените американски интереси“. Во таа своја прва војна, Америка лесно и го крши рбетот на шпанската флото и ја завзема Куба. Бродот „Мејн“ е извлечен од пристаништето и се утврдува вистинската причина за неговото потопување. Не била во прашање шпанска мина како што тврдеше Америка, туку случајна експлозија на бојлер на бродот, утврдуваат американските инспектори.

Многу војни подоцна… Годината е 2026. Америка се подготвува за нова војна со Иран. Огромни воени ефективи, вклучувајќи и два носачи на авиони „Абрахам Линколн“ и „Џералд Форд“ се позиционирани во водите на Блискиот Исток. Деновиве, во своето годишно обраќање пред Конгресот, претседателот Трамп го предупреди Техеран дека ако се обиде да ја обноват нуклеарната програма со цел производство на нуклеарно оружје ќе биде нападнат. „Преговори се во тек но уште не сме ги слушнале тајните зборови – никогаш нема да имаме нуклеарно оружје“, вели Трамп.„Како претседател ќе бидам за мир секаде каде што можам но нема да се колебам да ја спасам Америка секаде каде што морам“, додаде тој. Иран изјави дека е можен договор преку „чесна дипломатија“ но предупреди дека има ракети кои набргу ќе можат да стасаат и до САД. Рокот кој го дава Трамп на Иран да се согласи со барањата на Вашингтон е „10 до 15 денови“. Спикерот на иранскиот парламент одговара:„Ако го изберете патот на дипломатијата каде иранското достоинство и заемните интереси се почитувани ќе останема на преговарачката маса, но ако одлуката е да се повтори последното искуство преку измами, лаги и погрешни анализи да не нападнете среде преговарачки процес, тогаш ќе ја почувствувате силната тупаница на иранската нација и на нашите одбрамбени сили и вие ќе го зажалите тој избор“.

Во меѓувреме, на Блискиот Исток, почнуваат „воените игри“ меѓу големите сили. Русија испраќа воен брод за заеднички воени маневри со Иран, во заливот на Оман. Кина, пред извесно време, му даде дозвола на Иран да се приклучи на кинескиот сателитекси систем за непречени операции на своите ракетни системи. Русија и Кина, сојузници на Иран, упорно инсистираат на дипломатски дијалог и го предупредуваат Вашингтон да не го напаѓа Иран. Фактот дека и другите две големи сили се воено инволвирани, може да предизвика катастрофални последици за светскиот мир во случај на судир меѓу нив. Претседателот Доналд Трамп е во стапица од која тешко ќе излезе. Се ближат изборите за американскиот конгрес на есен, па успехот а неговите републиканци ќе зависи во голема мерка од ситуацијата на Блискиот Исток. Го нема веќе сенаторот Лоџ, ниту претседателот Макинли, но тука е сенаторот Линдзи Грехам кој сигурно го поттикнува претседателот Трамп да удри со сета сила зашто избори се ближат. Ако заглави во војна, тешко Трамп и републиканците. Ако се повлече и не ја исполни желбата на Израел и моќното еврејско лоби во САД, повторно, тешко Трамп и републиканците. Ќе има ли војна или не? Кај што се трупа оружје, таму, најчесто, има војна, ќе запише умниот Џорџ Кенан, убеден дека меѓународните конфликти треба да се решаваат со помош на политичка а не чисто воена стратегија.

 

Back to top button
Close