Предизвик за мир

Почитувани читатели, денес сакам со вас да споделам мои размисли и дилеми кои директно го тангираат не само нашето живеење на нашето огниште, туку и живеењето на човекот на Земјината топка. Руската инвазија на Украина или руско-украинската војна, како милувате така прифатете ја, денес е реалност која во основа може да ги измени досегашните стандарди кои беа практикувани во нашето живеење. Се појавува нов светски поредок кој ги засега сите витални работи во нашето секојдневие. Еволуцијата на цивилизацијата, апсолутно е процес којшто ние не можеме да го сопреме. Меѓутоа ние, луѓето на денешницата со инкорпорирано знаење, би требало да го предвидиме натамошниот цивилизациски развој. Војната во Украина која веќе жестоко се води два месеци е изворот кој го дестабилизира целиот свет каде несомнено сите ние ја плаќаме оваа војна преку загрозениот животен стандард. Природните енергенси се стожерот на динамичниот економски, а со тоа и цивилизациски развој. Сè уште светската заедница не е во состојба да ги имплементира обновливите извори на енергија. Со други зборови и најразвиените земји сè уште се во зачеток во примената на обновливата енергија. Убеден сум дека еден ден доколку опстоиме како цивилизација, обновливата енергија ќе биде дел од нашето секојдневие.

Спротивставените страни во руско-украинската војна денес се длабоко конфронтирани меѓу себе, а тоа се Руската Федерација од една страна и НАТО членките, каде се водечки САД и ЕУ. Сведоци сме на силни пропаганди од двете страни за причините и последиците од оваа војна. Гине невино население во Украина кое што е предмет на една невидена пропаганда за тоа која страна е во право. Сведоци сме за санкциите воведени против Руската Федерација од страна на ЕУ и САД кои директно ја погодуваат и самата ЕУ. Сведоци сме за силната поддршка на НАТО и ЕУ на Украина во нејзината војна против Руската Федерација, помагајќи ја со оружје, огромна финансиска помош, а претпоставувам и со платеници кои треба да војуваат против руската агресија.

Почитувани читатели, во изминатите две години, две клучни личности од светски маштап заминаа од историјата, а тоа се Американскиот претседател Доналд Трамп и долгогодишната канцеларка на Германија Ангела Меркел. И светот веднаш се најде под сериозна закана за трета светска војна. Затегнатата ситуацијата меѓу Украина и Руската Федерација тлее повеќе од 25 години. Се поставува прашањето, дали оваа војна ќе се избегнеше доколку Трамп и Меркел беа сè уште присутни на своите функции? Бидете убедени дека војната можеше да се избегне, бидејќи во двајцата бивши политичари владееше разумот и покрај константните нивни интереси. Заклучувам дека кај овие бивши политичари имаше симбиоза меѓу интересот и разумот. Интересот е светскиот двигател за војни, а разумот е единствена алатка за мир во светот. Дали меѓу високите структури на Руската Федерација, САД и ЕУ ќе надвладее разумот, тоа е прашање кое секој одговорен политичар мора да си го постави пред себе, доколку сака добробит за себе и сопствениот народ и поколенијата кои доаѓаат. Би било упатно кога би се воспоставил дипломатски мост меѓу завојуваните страни, а особено меѓу Руската Федерација и НАТО. Денес се трошат огромни финансиски средства од спротивставените страни со изгубени или уништени многу човечки животи директно или индиректно. Сакам да споделам со вас: доколку дојдеме до степен на цивилизациски развој каде обновливите енергетски ресурси ќе бидат дел од нашето секојдневие тогаш ќе разбереме дека оваа војна која денес се води во Украина е бесмислена. Дајте му простор на разумот во интерес на цивилизацискиот напредок на човештвото. Сите цивилизациски вредности кои до сега сме ги постигнале треба да ги ставиме во функција на мирот. Можеби ќе звучи смешно, меѓутоа ќе биде вистинито. Денес ни недостасуваат и од двете завојувани страни лидери кои треба заеднички да стават крај на оваа налудничава војна.

Мојот апел е до сите клучни актери во овој злостор кој се прави денес врз народот кој живее на територијата на Украина да седнат на заедничка маса и во интерес на севкупната светска заедница да го разрешат овој спор, независно кој ќе добие или изгуби во моментов, бидејќи крајниот добитник ќе бидат мирот и перспективата за подобар живот на идните поколенија. Јас гласам за мир. Мојот глас ќе биде секојпат против оружјето да биде главниот аргумент со кое треба да се преговара.

Завршувам, мудроста и разумот треба да владеат со светот и предлагам кафе-муабет на Бајден, Путин и Фон Дер Лајeн. Ова е единствениот пат за стабилност.

Почитувани, двете светски војни кои имаа разорни последици од аспект на изгубени човечки животи и уништени цивилизациски вредности се почнати на Европскиот континент. Се плашам и од самата помисла дека повторно Европскиот континент ќе биде иницијатор на нова светска војна, ама овој пат со несогледливи последици.

Трифун Костовски

 

 

Back to top button
Close