И компир има срце

Се изначитав се и сешто за образование и против образование,за учители и против нив и искрено што велеше татко ми „и компир има срце“.

Мојата работа има специфична тежина бидејќи е сврзана со онаа што му е на човекот најмило,неговото дете,неговото внуче,онаа од кое треба да се скрои иднината на секое општество, семејство. И да, тешко е да ги убедиш родителите дека даваш се од себе во услови кои ти се дадени да му овозможиш на детето да научи, разбере и креира свое мислење и вештини со кои ќе зачекори во иднината, и да тешко е да го убедиш општеството дека образованието е единствен начин за создавање човек со сите општествени вредности, навики и способности кои ќе го унапредат самото општество до степен на економски просперитетно и цивилизациски спремно за многу предизвици.

Грешката е на системот но и на нас самите, како ќе ги учиме децата на критичко мислење кога ние самите затајуваме сите 30години, мние сме тие што ги спроведуваме наставните планови и тие кои знаеме колку имаат ефект врз ученичките знаења, способности и вештини. Се побунивме, излеговме на протест,изразивме граѓанска непослушност,колку знам оваа е штрајк за плати и ниеден за условите и начинот на кој работиме,за програмите и плановите кои ги спроведуваме а се катастрофални по децата и нас,авангардата и интелектуалците овој пат затаија во нас.

Дозволивме секој да биде реформатор,секој да глуми стручен аналитичар и сопствените исфрустрирани реформи да ни ги сервира час топли час ладни, ја убија инвентивноста и креативноста во нас а згора и критичноста.

СОНК по дифолт во сите организации беше само синдикат на кој му плаќаш членарина а тие се гоеја од неа и не решија ниеден проблем оти на синдикалните состаноци никогаш и нема кворум,оти синдикатот беше сфатен како свинска полутка,канта сирење,табла јајца кои во последните 10г ги снема од менито како и финансискиот извештај што и каде е потрошено од богами големата сума која месечно се слева во синдикалниот фонд.

За жал ја снема и дебатата за работничките права а тоа пак е наша вина, не на Јаким, не на политичарите, не на родителите, ќе бараме виновници во сите најмалку во себе оти така е полесно но не и почесно. Ми вели една колешка „јас сум должна да ги спроведувам наставните планови и програми“.
Не колешке, ние сме и должни да кажеме јасно и гласно дека не се добри, дека нанесуваат штета на сите нас, тоа е тоа критичко мислење кое прво треба да си го развиеме во себе па да им го пренесеме на децата. Молчењето не е злато туку наведната глава сабја не ја сече, е затоа кривото и ќе израсне криво а и тешко ќе се исправи,во социјалниот дијалог кој претстои сите проблеми треба да бидат ставени на маса,не само заради достоинствен живот на наставникот туку и за достоинство на професијата која е недозволиво плукана во изминатиот период.Секој е ковач на својата среќа ама сите заедно сме ковачи на иднината на нашето општество, проблемите на маса и бујрум да ги решиме.

Јаким е заменлив, политичарите исто, ние како столб на општеството ако дозволиме темелите да се расклатат исто ќе бидеме заменети, па да видиме ќе дозволиме или ќе ја разбудиме во себе критичката мисла,одговорноста и желбата за подобро утре на нашите деца,и оние кои ги чуваме дома и оние кои ги учиме на училиште!

Марина Манојловска

Back to top button
Close