Силјановска-Давкова: Државата не е против уставни измени, но да произлегуваат од европските критериуми, а не од политички притисоци

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова оцени дека европскиот пат на Македонија не смее да биде условуван со идентитетски прашања и билатерални барања, нагласувајќи дека државата не е против уставни измени, но тие треба да произлегуваат од европските критериуми, а не од политички притисоци.

На предавање на Правниот факултет во Љубљана, на тема „Уставни трансформации на патот кон ЕУ: Реформи или уставен инженеринг?“, таа посочи дека дел од досегашните измени на македонскиот Устав, меѓу кои и оние произлезени од Охридскиот рамковен договор и Преспанскиот договор, биле донесени под силно меѓународно влијание.

Според неа, по Преспанскиот договор постоеле уверувања дека тоа ќе биде последната отстапка на патот кон Европската Унија, но денес повторно се отвора прашањето за уставни измени, овојпат со барањето за внесување на Бугарите во Уставот.

Силјановска-Давкова предложи можен компромис, според кој уставните измени би биле усвоени, но нивното стапување во сила би се одложило до завршувањето на преговорите со ЕУ.

„Македонија не се плаши од вето, но условувањата треба да се темелат на европските критериуми, а не на прашања поврзани со историјата, јазикот и идентитетот“, истакна претседателката.

Таа посочи дека македонскиот Устав и сега гарантира еднакви права за сите граѓани, вклучително и за заедниците што не се експлицитно наведени во него.

Во обраќањето, Силјановска-Давкова ја критикуваше и Бугарија, наведувајќи дека таму нема посебни уставни гаранции за малцинствата и дека не се почитуваат сите пресуди на Европскиот суд за човекови права поврзани со правата на Македонците.

Според неа, процесот на пристапување кон Европската Унија не смее да биде билатерализиран, особено кога станува збор за идентитетски теми.

Back to top button
Close