Дипфејк фотографии од Тејлор Свифт предизвикаа барања за промена на легислатива во САД
Американски политичари повикуваат на нови закони за криминализирање на создавањетo дипфејк фотографии откако на интернетот се појавија експлицитни дипфејк слики од Тејлор Свифт кои за само неколку дена биле прегледани милиони пати, пишува Би-би-си.
Во соопштение од социјалната мрежа „X“ се вели дека активно се отстрануват сликите и се преземаат „соодветни мерки“ против профилите вклучени во нивното ширење.
„Внимателно ја следиме ситуацијата за да се осигураме дека сите понатамошни прекршувања ќе бидат веднаш адресирани и дека содржината ќе биде отстранета“, се додава во соопштението.
Иако многу од сликите биле отстранети за време на објавувањето, една фотографија од Свифт била прегледана 47 милиони пати пред да се избрише.
Истражување од минатата година покажува дека во споредба со 2019 година, има зголемување од 550 проценти во создавањето дипфејк.
Во моментов во САД нема федерални закони против споделување или создавање дипфејкови, иако има обиди на државно ниво за решавање на проблемот.
Во Обединетото Кралство, споделувањето дипфејк порнографија стана нелегално како дел од Законот за онлајн безбедност во 2023 година.
Демократскиот пратеник Џо Морел, кој минатата година го претстави предложениот Закон за спречување на експлицитни дипфејк фотографии – со кој би било незаконско споделување на дипфејк порнографија без согласност – повика на итна акција.
Тој рече дека сликите и видеата може да предизвикаат неотповиклива емоционална, финансиска и репутациона штета и дека жените се најпогодени.