Има ли излез од болката?

Почитувани читатели, постојано го повторувам она што не ми дава мир секој божји ден и секој мој јавен настап почнува со реторичко прашање ,,како можеше ова да ми се случи во мојата сакана татковина, Македонија”?

Полни пет години се води истрага за мене и мојот син Коста, за дела кои што никогаш не сме ги помислиле, а не па да ги направиме или имплементираме. Нѐ гонат како главни виновници за стечајот на Еуростандард банка и перење пари што е бескрајна небулоза.

Јас и моето семејство сме подариле повеќе десетици милиони евра на мојата татковина, буквално во сите сфери на нашето живеење, како што се култура, уметност, спорт, религија, музика и најбитното нешто, хуманитарна помош за многу наши сограѓани. Хумана помош е од чесно заработени, оданочени средства и чисто срце.

Постојано се прашувам како може истрагата да трае три пати подолго од предвидениот рок со закон? Ние, како семејство не бегаме од одговорноста доколку постојат докази. За жал докази нема, бидејќи истрагата која се води против нас во основа е лажна.

Секоја недела пишувам колумни во кои ги напаѓам институциите за нивната неодговорност за владеење на правото во нашата држава. И нема да престанам!

Како да го разберам фактот дека мојата сакана Македонија на која ѝ подарив повеќе од својот живот, прави сѐ целосно да ме уништи и деградира како човек. Држава што не ги почитува своите дарители не е силна држава.

Сум живеел во многу земји низ Европа. Во сите земји сум дарувал и затоа денес имам неприкосновена почит како личност од Австрија, Полска, Украина, Русија, Швајцарија и Англија.

Мојата Македонија ме убива. Чесно заработено богатство стекнато надвор од Македонија го донесов во Македонија. Мојата држава дозволи да бидам оштетен и уништен и како личност и како семеен човек.

Омразата и љубомората кои владеат во нашето секојдневие се синоним на незрело општество. Живееме во општество во кое што го ништиме нашиот успешен сограѓанин без да разбереме дека со тоа се ништиме самите себе.

Во најразвиените земји во светот луѓето со интегритет, искуство и знаење и докажана чесност, се најпочитуваните граѓани.

Зрелите и искусни луѓе, именувани како „луѓе со бели коси” во една нерела држава се на отстрел. Мудроста на „белите коси” е неприкосновена.

Деновиве, нашите функционери од владеачката структура се сретнаа токму со ,,луѓето со бели коси” од ЕУ. Премиерот Мицковски се сретна со господинот Антонио Кошта, претседател на Европскиот Совет, а во приватна посета на САД господинот Максим Димитриевски со г-дин Бенџамин Бартон, заменик претседател на Американската легија во Мидлбург, Вирџинија.

Од објавените фотографии на овие две случувања се добива впечаток дека нашите високи функционери и политичари делуваат како младинци во споредба со домаќините, опкружени со уште помлади личности кои може да им бидат внуци.

Немам намера никого да повредам, меѓутоа ова укажува на наша незрелост во поглед креирање на нашата иднина. Наместо да ја користиме мудроста на зрелите луѓе со бели коси, во Македонија ги ставаме на отстрел.

Мудроста вели ,,со деца и внуци се крева револуција, а држава се гради со „бели коси”.

Деновиве, сведоци сме на жестоки обвинувања од страна на опозицијата дека актуелната влада ја води државата во изолација, бидејќи не прифаќаме вметнување на Бугарите во Уставот на Македонија. Владата за ваквиот став ја има целата моја поддршка.

Жално е што не гледам потези како да се реши ова прашање, најнапред во нашата земја, а понатаму и со ЕУ заедницата. Она што недостасува е концензус по националноста. Кога го нема се создава национална болка.

Денот „Прочка„ мина. Ние како Македонци и тие како Бугари не си простивме едни на други.

Имам своја размисла како понатака да се решава ова прашање.

Вистинскиот проблем за решавање на ова прашање е токму кај нас. Проблемот на Македонија не е ЕУ, ние сме!

Сѐ додека имаме опозиција како СДСМ кои го подржуваат францускиот предлог за вметнување на Бугарите во Уставот на Македонија, државата ќе се измачува за решавањето на ова прашање за отпочнување на постапката за влез во ЕУ.

Опозицијата предводена од СДСМ мора да разбере дека потпишале официјален документ со соседна Бугарија, кој не беше прифатен од мнозинството на нас Македонците. Со еден збор направи непромислен гест без поддршка од нас Македонците.

Вчерашниот ден Прочка за мене беше ден на кој лидерите на двете македонски партии требаше да седнат на маса и да се договорат како треба да се делува во иднината за решавање на овој сегашен, многу сериозен и вистински проблем.

Овие две водечки партии на власт и опозиција, ги имаат како коалициони партнери партиите од останатите етнички заедници во Македонија. Ако се договорат овие две партии, тогаш како базичен услов за коалиционо партнерство треба да биде безрезервна поддршката на нас Македонците за нашата посебност , јазик и култура.

Во Собранието треба да се изгласа одлука со акламација за поддршка на нас Македонците во поглед на негаторскиот однос од страна на соседна Бугарија.

Ваквиот чин ќе значи внатрешно единство и силна порака до соседна Бугарија и целата ЕУ заедница дека ние Македонците сме сплотени со останатите етнички заедници по прашањето за нашата посебност.

Денешната опозиција предводена од СДСМ мора да се освести и да се врати во колосек. Во спротивно јас како Македонец и многумина како мене ќе ги третираме како шесто колонаши.На потег е СДСМ да се повлече од поддршката дадена на Францускиот предлог за влез на Бугарите во Уставот.

Почитувани читатели, во денешната колумна поттикнав три теми: првата е стечајот на Еуростандард банка- доказ дека правдата во Македонија не постои; втората говори за зрелоста на луѓето кои се на најклучните функции во државниот систем; третата за најбитната иднина на уставното право и празникот Прочка како симбол за вистинско помирување и создавање единство за креирање услови за прогрес на нашата држава.

Дозволете белокосите интелектуалци да бидат околу вас. Староста не е болест кога во неа сѐ уште има мудрост…

 

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close